Како да се одберат плочки
26. 02. 2021.
Како да се одберат плочки?
Еден од најважните критериуми при изборот на керамика е дали плочките се наменети за поставување на ѕид или за на под. Вториот исто така важен критериум е дали плочките се наменети за внатрешна или за надворешна употреба. Посебен сегмент се плочките наменети за базени и за индустриска примена кои мора да имаат посебни сертификати за безбедност и отпорност.
Основната разлика помеѓу подната и ѕидната керамика не е само во изгледот или форматот, туку во нивните механички карактеристики како што се: видот на глазурата, механичката цврстина, својствата на глазираната површина и отпорноста на плочките на мраз (согласно стандардот EN 14411 на Европската Унија).
Со посебен стандард се дефинирани барањата за квалитет за подните плочки за да не се случат проблеми при експлоатација. Покрај истите услови кои мора да бидат задоволени за ѕидните и подните плочки, подните мораат да бидат отпорни на абење и да имаат соодветна механичка цврстина и да бидат доволно рапави за да не се лизгаат, а сето тоа во зависност од местото на вградување.
Керамичките плочки денес воглавно се произведуваат во повеќе формати:
- Традиционални формати на плочки: 25x40cm, 33x33 cm, 45x45cm
- Современи формати на плочки: 25x50cm, 20x50cm, 15x60cm, 30x60cm, 60x60cm, 20x80cm, 40x80cm
- Модерни формати: 25x75 cm, 30x90 cm, 20x120 cm, 40x120 cm, 60x120 cm, 120x240cm
Секако, ова не е конечна листа бидејќи постојат многубројни варијации. Исто така, со помош на новите технологии се прават и плочки со димензии до 4m кои може да се сечат на помали димензии. Освен тоа, големите димензии на плочки може да вградуваат во нивната основна димензија што претставува современ тренд.
СОСТАВ
Глазираните керамички плочки се производи кои се направени од различни видови на глина со додавање на природни материјали и претставуваат компактна целина која го создава нивното тело (бисквит), меѓуслој (енгоба) и завршен слој (глазура). Глазираната керамичка плочка е производ кај кој површината е покриена со слој на глазура која ги дава важните својства како боја, сјај, форма и техничките својства како тврдина и водоотпорност. Енгобата и глазурата после печењето даваат стаклеста маса која им ги дава употребната вредност и бараните својства на плочките.
Глазурата претставува завршниот слој кој го одредува финалниот квалитет на површината (отпорност на абење, тврдина, естетски изглед и текстура за лесно одржување). Може да биде мат, сјајна, бела, обоена или транспарентна.
Енгобата го претставува меѓу слојот кој има функција да го покрие бисквитот и да ја неутрализира бојата на бисквитот, да ги оневозможи негативните ефекти на бисквитот, овозможувајќи им на плочките да не ја пропуштаат водата и да ги поврзе бисквитот и глазурата на плочките.
Бисквитот е многу компактен материјал кој се компримира под притисок од 250-500 kg/cm², а потоа во зависност од видот на плочките се пече на температура од 1.040-1.300ºC. Дилатацијата (собирањето или издолжувањето) на бисквитот, енгобата и глазурата мора да бидат компактни за да не дојде до деформирање или пукање на плочките.
Декорирањето на плочките се врши со примена на керамичка паста која се нанесува на глазираната површина на плочките или со специјална боја која се нанесува со дигитално печатење.
Технологијата за производство на плочки значајно напредува, така што денес овозможува производство на исклучително квалитетни плочки кои задоволуваат широк спектар на потреби. Кога е во прашање намената, основната поделба на плочките може да се изврши врз основа на впивањето на вода и начинот на производство: на подна и ѕидна керамика
ПОДНА КЕРАМИКА
Подните плочки се произведуваат во најразлични формати и завршни обработки. Во нив, при нивното производство (за време на печењето) се додава мелен гранит со што керамиката после печењето добива нови карактеристики скоро идентични на камен.
Подните плочки наменети за внатрешни простории мора да бидат безбедни за одење и да не се лизгаат. Треба да се изберат такви плочки кои се доволно дебели, тврди и отпорни, а кои не се абат брзо и се лесни за одржување. Постојат и плочки кои не се лизгаат, се мат и имаат висок сјај, но поради нивното тешко одржување не се препорачуваат за внатрешна употреба.
Плочките кои треба да бидат вградени на надворешен простор мораат да бидат отпорни на мраз и лизгање, а плочките наменети за јавни простори мораат да бидат отпорни и на абење. Подната керамика за внатрешна употреба носи ознака R9 што значи дека е атестирана за подови, но не мора да значи дека издржува дожд и мраз. Во случај подната керамика да е отпорна на мраз, на амбалажата мора да стои знак снегулка. Керамиката која има ознака R11 може да биде употребена и за надворешна употреба, бидејќи е појака и е отпорна на мраз.
Глазираните плочки и глазираните подни декорации со апсорпција на вода E < 0,5 % = GRES PORCELLANATO SMALTATO – Grupa B Ia, со параметри кои се во согласност со стандардот на Европската Унија EN 14411 се карактеризираат со ниска апсорпција на вода, висока отпорност на свиткување, висока тврдост и отпорност на абразија.
НАПОМЕНА: Технички гледано, поради квалитетот на изработката, подните плочки може да се применуваат и на ѕидните површини.
ЅИДНА КЕРАМИКА
За вградување на плочки на ѕидните површини, изборот е полесен. Ѕидните плочки секогаш се двојно печени и се помеки од подните плочки. Завршната обработка на ѕидната керамика може да биде мат, полусјајна и сјајна, како и кај подните плочки. Плочките кои се отпорни на мраз и киселини имаат мала порозност. Овие плочки се изработуваат на посебен начин за да се создаде цврста врска со подлогата.
Ѕидните плочки се применуваат и за декорација на ѕидните површини. Може да се одберат еднолични, но и елегантни современи дизајни. Пред нивно вградување мора да се внимава ѕидните површни да бидат рамни. Без разлика дали новите плочки ќе бидат залепени на веќе постојните или ќе бидат залепени на ѕидот, најважно е да нема нерамнини и пукнатини. Во спротивно, може да дојде до пукање на плочките.
Глазираните ѕидни плочки и глазираните ѕидни декорации со апсорпција на вода E > 10 % – Grupa B III, со параметри кои се во согласност со стандардот на Европската Унија EN 14411 се дизајнирани за вградување на внатрешни ѕидни површини каде што температурата е над 0 °C, бидејќи не се отпорни на мраз.